Showing posts with label 30 септември. Show all posts
Showing posts with label 30 септември. Show all posts

9/01/2016

Септември е месец кога се слави преводот

Пораката за 30 септември 2016, Меѓународниот ден на преведувачите од Меѓународната федерација на преведувачите:

Превод и толкување: поврзани светови

Светот на преведувачот и светот на толкувачот се две професии посветени кон остварување на една цел: овозможување на комуникација меѓу луѓето. Како што светот станува се повеќе интегриран, овозможувањето на разбирање помеѓу мноштвото говорници е позначајно од кога и да било претходно. Било да е преку пишан збор или говор. Толкувачите и преведувачите се на крстосницата која влијае врз развојот на бизнисот, науката, медицината, технологијата, меѓународното право, политиката и многу други области. Ние им овозможуваме на сите овие светови да учат еден од друг со цел да го подобрат општеството како целост. Улогата на преведувачите и толкувачите во поврзувањето на световите е да отворат цел свет за сите нас. 

9/08/2011

Меѓународен ден на преведувачите

Преводот: Премостува култури

Замислете си го светот без преведувачи: Како би комуницирале еден со друг? На светот има речиси 7.000 јазици, меѓу кои трговската и културната размена не би биле можни. Лидерите на нациите не би можеле да разговараат меѓусебе. Научните откритија не би можеле да бидат споделени. Книгите би биле прочитани само од оние кои го зборуваат јазикот на авторот. Прекуграничната трговија би запрела. Најновите вести би стигнале само до мала група на луѓе. Не би имало Олимписки игри. Нациите во неволја не би добиле помош од оние кои се во подобра состојба.

Професионалните преведувачи, толкувачи и терминолози претставени од здруженијата кои се членови на ФИТ градат мостови меѓу културите и ја овозможуваат комуникацијата која создава просперитет и културен подем. Носат мир и меѓусебно разбирање. Ги отвараат националните литератури кон светот. Овозможуваат меѓународна помош за местата погодени од природни катастрофи. Тие се гласот на политичарите, верските и интелектуалните лидери и сите други луѓе кои влијаат на нашите секојдневни животи. Ги пренесуваат информациите. Тие се културни амбасадори. Апсолутно се незаменливи.
Благодарение на преведувачите, толкувачите и терминолозите, народите насекаде во светот можат да го сочуваат своето културно наследство како активни учесници во „глобалното село“. Културната разноликост го прави светот поубаво место за живеење, но мораме да се разбереме за да ги избегнеме меѓународните конфликти и да си помогнеме кога има потреба. Мораме да се разбираме за да изградиме почит за културните разлики. Премостувањето на културите е темата на овогодишниот 19ти светски конгрес на ФИТ и Меѓународниот ден на преведувачите и крајната цел на сите здруженија-членки на ФИТ.

Ги охрабруваме здруженијата-членки да го одбележат Меѓународниот ден на преведувачите со активности кои ја подигаат јавната свест за оваа важна функција на преведувачите, толкувачите и терминолозите, давајќи им можност да го слават својот занает. Овие активности можат да вклучуваат нагласување на различните култури кои ги сочинуваат здруженијата, претставување на предизвиците на културна адаптација при преведувањето, или дискусија за улогата на преведувачите, толкувачите и терминолозите во светските настани, само како пример. Како и да е, 30 септември нека биде ден за славење!

Текст: д-р Јиржи Стејскал
Превод: Марија Тодорова

9/30/2010

Среќен ден на преведувачите!

На овој ден се слави Св. Јероним, светецот заштитник на преведувачите. Меѓународната федерација на преведувачи официјално го прогласи 30 септември за Меѓународен ден на преводот во 1991 година.

Св. Јероним не е само светец заштитник на преведувачите, туку и на архиварите, проучувачите на Библијата, библиотекарите, учениците, студентите и археолозите. Јероним, или Софрониус Еусебиус Хиеронимус, е роден 374 година во Стридон, недалеку од денешна Љубљана. Признаен е за светец и од католичката и од православната црква. Преведувачите го ценат за придонесот кон преводот на Библијата, теоријата и праксата на преводот. Познат е по преводот на Библијата од хебрејски на латински, а неговиот превод е познат под името Вулгата Неговата работа во областа на преводот ги постави темелите за сите преведувачи по него.

слика: Св. Јероним во работната соба, од Доменико Гирландајо.

7/11/2010

Меѓународен ден на преводот - 30 септември 2010

Квалитетен превод за мноштво различни гласови

Нашата планета е богата со различни јазици. Се проценува дека околу шест до седум илјади јазици кои се зборуваат во светот го содржат нашето колективно сеќавање и неопипливо наследство. Но, оваа јазичната и културната разноликост е под закана: 96% од овие јазици ги зборува само 4% од светското население, а стотина од нив наскоро потполно ќе исчезнат.

УНЕСКО и Обединетите Нации ги повикаа своите земји членки да ги поддржат и заштитат сите јазици кои ги зборуваат народите во светот. Универзалната декларација за културна разноликост на УНЕСКО, донесена во 2001 година, вели дека ’културната разноликост е неопходна за човештвото како што е биодиверзитетот неопходен за природата’.

Преведувачите, толкувачите и терминолозите, незаменливи како медијатори во меѓујазичниот и културен контекст, имаат посебна обврска во зачувувањето на повеќејазичноста и промовирањето на непречена интеракција помеѓу сите светски јазици. Брзиот напредок на информатичката технологија, сè поширокиот досег на интернетот, проширувањето на трговијата во глобални рамки и сè поголемата научна и културна соработка несомнено ја зголемија улогата на преведувачите, толкувачите и терминолозите во модерниот свет и воведоа ’време на изобилство’. Ова, од друга страна, го зголеми бремето на одговорноста кое го носат јазичните професионалци: нивната работа мора да исполни строги стандарди на точност и квалитет, а сепак да не изгуби ниту една од нијансите на оригиналниот јазик.

Преводот, една од најстарите професии, се соочува со зголемена сложеност. Веќе не е доволно преведувачите да го владеат јазикот од кој и на кој преведуваат. Потребно е да имаат подлабока и потесна специјализација, заедно со широко општо знаење и културно разбирање. Мораат да имаат добро разбирање за темата која ја преведуваат и мораат да знаат да ги користат последните информатички технологии. Оваа комбинација на вештини ја прави основата на преведувачкиот квалитет толку неопходен за непречена интеракција меѓу народите и културите во модерниот свет.

Многу земји имаат активни национални здруженија на преведувачи, толкувачи и терминолози кои играат клучна улога во подобрувањето на квалитетот на преводот и развојот на професионални стандарди и препораки. Меѓународната федерација на преведувачи (ФИТ) ги обединува овие здруженија, помагајќи им да го искористат заедничкото знаење и искуство. Таа има за цел да ги хармонизира преведувачките стандарди и бара прилагодување на критериумите за квалитет на преводот. Таа исто така го охрабрува создавањето на нови преведувачки здруженија во земјите каде тие сè уште не постојат и им помага во развојот. На овој начин ФИТ успева да ја исполни својата одговорност да ја промовира, заштитува и зачувува разноликоста на светските јазици и култури.

Текст: д-р Ирина Тупицина и м-р Александер Цемахман.