Showing posts with label конфликт. Show all posts
Showing posts with label конфликт. Show all posts

11/08/2012

Мирот почнува со мене

И повторно на истата тема, овојпат на српски јазик во неделникот на Нови Магазин. Целиот текст можете да го прочитате тука. Во бројот кој излезе на 20 септември во Белград, точно во очи на 21 септември, Светскиот ден на мирот, мислам дека беше одлична прилика да се слушне за улогата на толкувачите во ситуации на конфликт и мировни преговори. Им благодарам на сите од редакцијата на Нови Магазин за оваа можност. Овој есеј е кус вовед во моето докторско истражување кое го работам на Студиите по мир и развој на Институтот за безбедност, одбрана и мир во Скопје.

10/05/2012

Толкувачи во зони на конфликт

Вчера следев една многу интересна  дискусија на експерти кои работат на темата „Толкувачи во зони на конфликт“. Конференцијата се одвиваше истовремено во Бостон и во Женева. На Факултетот за превод и толкување во Женева веќе некое време функционира програмата InZone. Во моментов курсевите се достапни за толкувачи кои работата за УНХЦР и МКЦК. Професор Барбара Мозер-Мерцер ја претстави програмата и начинот на кој се спроведува виртуелно низ целиот свет.

Интересно беше да се забележи дека во дискусиите на оваа тема и понатаму доминира дилемата околу неутралноста, непристрасноста, доверливоста и веродостојноста. Сите овие зборови иако се идеалот и постојано се споменуваат како дел од ваков или онаков Етички код за толкувачи; сметам, како и многумина други, се едноставно недостижни во реални ситуации, понекогаш дури и непожелни. еден од учесниците во дискусијата даде пример за постигнување на историски мировен договор помеѓу Авганистан и Иран, кој немало да се случи ако преведувачот превел се’ што било кажано непристрасно и веродостојно. Оваа дилема несомнено го отвора прашањето на лојалност.

Во однос на емоционалните и безбедноните предизвици поврзани со работата на толкувачите во ситуации на конфликт, три големи организации, Меѓународната федерација на конференциски толкувачи, Меѓународната федерација на преведувачи и Црвеното Т за прв пат работата  заедно за да им помогнат на своите колеги, толкувачи, професионални и непрофесионални, кои работата во вооружени конфликти и чиишто живото се постојано во опасност. Како резултат планираат да создадат „прибор за заштита“ кој ќе содржи упатстава за работа како за преведувачите, така и за корисниците на нивните услуги.

И на крај, кој сака да прочита повеќе, мој кус есеј на оваа тема беше објавен од неделникот „Нови Магазин“ од Белград. Есејот е само мал извадок од мојот докторски труд на Институтот за безбедност и мировни студии во Скопје, а кој веќе доби понуда да биде обавен од Палгрејв кон крајот на 2014 година. 

4/17/2011

Јазиците во војна: политики и практики на јазични контакти во војна



Неодамна учествував на Меѓународната конференција „Јазиците во војна: политики и практики на јазични контакти во војна“. Конференцијата се одржа од 7 до 9 април, во Империјалниот воен музеј на Лондон. Музејот, заедно со Универзитетот од Ридинг и Универзитетот од Саутхамптом се партнери во тригодишниот проект со истото име. Конференцијата го одбележа официјалното затворање на проектот и формирањето на мрежата на истражувачи на „Јазиците во војна“.

Името на музејот, а богами и изгледот од надвор, најпрво навестуваа парада на оружје и надмоќ. Првото влегување во музејот го потврди ова очекување, но тогаш помеѓу ракетите, тенковите и топовите ги забележав ’рѓосаните остатоци од автомобил. На натписот пишуваше остатоци од автомобил уништен во бомбардирање. Понатамошното разгледување на музејот ми откри документарно видео со последиците од злосторствата против човештвото од сите страни на светот, изложба посветена на холокаустот, Втората светска војна видена низ очите на децата. На крајот на посетата на овој музеј мислам дека и најубедените во оправданоста на војните ќе заминат со чувство на тага и убедени во бессмисленоста на ужасните разурнувачки последици на војните.

На конференцијата учествуваа многу истражувачи од различни области. Меѓу главните говорници беа проф. Хилари Футит, Ник Флечер од проектот „Англиски јазик за миротворците“, претставник од британското Министерство за одбрана Џастин Луис и, најважното за мене, предвањето на проф. Мона Бејкер за „Преводот како место за отпор, пред, за време и по војната“.

Мојата презентација ги претстави моите првични резултати од докторското истражување за „Улогата на преведувачите во медијација на конфликти“.

11/07/2010

Јазици во војна

Ова е насловот на проектот кој го спроведува Универзитетот од Ридинг, заедно со Универзитетот од Соутемптон и Империскиот воен музеј во Лондон. Целта на проектот е „да отвори нова област во академските истажувања ... која сè уште не е систематски истражена“. Јазици во војна: политики и практики на јазичен контакт во конфликт е името и на конференцијата која ќе се одржи во Лондон од 7 до 9 април 2011 година.

На оваа конференција ќе ги презентирам своите првични согледувања од докторското истражување „Улогата на толкувачите во медијација на конфликти“ прифатен од Институтот за одбранбени и мировни студии, Философски факултет, Универзитет Св. Кирил и Методиј, Скопје.

И Меѓународната асоцијација на конференциски толкувачи има работна група за „Толкувачи во зони на конфликт“ која се занимава со заштитата на професионалните толкувачи кои работата во области на конфликт. Тие ја поднесоа Декларацијата бр. 442 до Советот на Европа, потпишана и од Македонија.