Showing posts with label конференции. Show all posts
Showing posts with label конференции. Show all posts

1/22/2013

Белфаст еве ме повторно!

По најголемата и најинтересната конференција за преведувачки студии во мај 2012, уште една интересна конференција на која ќе учествувам на Квинс Универзитетот во Белфаст. Овојпат се работи за Градови на сеќавање: уметноста во постконфликните градови.

Заедно со мојот прекрасен сопруг, кој е уметник, Зоран Попоски, ќе зборуваме за нашиот роден град Скопје, како град кој се сеќава.

фото: Зоран Попоски

11/26/2012

Детето во книгата

Само што се вратив од конференцијата за литература за деца на Шучоу Универзитетот во Тајпеј, Тајван со прекрасни импресии.

Прво Тајпеј е многу интересен град со многу различни култури. Покрај кинеската, силно влијание може да се почувствува и од јапонската и од американската култура.


Во Кралскиот музеј се вели дека има поскапоцени артефакти и од оние кои се во Пекинг, но она што најмногу ме изненади беа културите на 12те аборичински племиња, едни од првите жители на оваа островска земја, кои и ден ден ги негуваат своите обичаи и јазици.



Самата конференција беше прекрасно организирана, и иако траеше само еден ден беше богата со содржини. Јас бев модератор и презентирав труд на сесијата за „Децата во војна“. На секоја пауза меѓу сесиите гостуваа детски групи кои ни ги покажуваа традиционалните тајвански игри за деца. А во рамките на конференцијата се одржа и мал саем на тајванските книги за деца. Ема, беше многу среќна од мојот избор.

11/13/2012

Детето во книгата

                                                                                                                             











Оваа сабота ќе учествувам на Меѓународната конференција за литература за деца на Универзитетот Шучоу во Тајпеј, Тајван. На конференцијата ќе зборувам за децата кои пишуваат во ситуации на насилни конфликти и војни, особено за војните на нашите простори на бивша Југославија. Како и за преводите на овие книги за светската јавност. Со повеќе информации се читаме по конференцијата.

8/03/2012

Конференција и генерално собрание на ИАТИС (IATIS)

После Сеул, Кејптаун и Мелбурн, конференцијата на ИАТИС оваа година се одржа на копното на Европа, поточно во Белфаст, со тема „Превoдот и политиката на признавање“. Повеќе од 100 учесници од целиот свет се собраа на Универзитетот во Квинс за да дискутиураат за најновите достигнувања во областа на преведувачките студии. Иако немаше посебен панел посветен на литературата за деца, според бројот на презентации на оваа тема можеше да се заклуци дека е доста популарна. Јас зборував за мојот проект за преводите на книги за деца од Западен Балкан на англиски јазик.
Како дел од конференцијата се одржа и генералното собрание на ИАТИС. Членството во оваа организација освен што е значајна за секој кој се  занимава со теоретско проучување на преводот, носи многу поволности како попусти во купување стручна литература, информации за конференции и учество во различни  проекти. За да се зачлените погледнете тука.




Следната конференција е закажана за почетокот на јули 2015, во Бело Хоризонте, Бразил. Се гледаме таму.

9/24/2011

Работно лето

И после некој нека каже на наставниците им било лесно, се одмарале цело лето бидејќи се на распуст. Јас ова лето го поминав во знакот на професионално усоврвршување. Покрај докторската летна школа на Универзитетот во Манчестер посетив уште три професионални конференции. Па еве по малку за најинтересните моменти на секоја од нив.

На 29 август се одржа 40 Меѓународна средба на литературните преведувачи по традиција во Лешочкиот манастир, каде почива Кирил Пејчиновиќ.  По 13 пат на средбата учествуваше преведувачот и писател  од Турската Република Северен Кипар Махмуд Кансу, кој промовираше своја збирка раскази преведени на македонски јазик. Иако со него се гледам еднаш годишно, секогаш е задоволство да се разговара со Кансу, бидејќи секогаш има интересна анегдота поврзана со писателите и нивните преведувачи. На средбата учествуваат и преведувачи и писатели и интереснои е да се забележи динамиката меѓу нив, вечната поделеност помеѓу авторот и преведувачот; оригиналот и преведот. Ова ме потсети на интересна приказна за една авторка за деца од Австралија и нејзината преведувачка на германски - кои после долгогодишна соработка како автор и преведувач, во 2010 година издадоа заедничка книга „Момчето од Берлин“ чие дејство се случува во Австралија и во Берлин.
За оваа конференција направив детална анализа на изданијата на нобеловците кои пишуваат во оригинал на англиски јазик и сите нивни дела преведени на македонски јазик користејќи COBISS на националната библиотека. За разлика од она што беше напишано во некои медиуми, воопшто не критикував ами ја претставив статистички ситуацијата поврзана со теоријата на повторното преведување на исто дело.

Од 1 до 3 септември Здружението за компаративна литература беше домаќин на 5 конгрес на Европското друштво за компаративна литература. Интересен прв ден, гости од речиси цел свет, цела сесија за преводот, а јас „изгубена во превод“. Како? По некоја случајност мојата презентација за Литературниот превод како културна дислокација, фокусирана на преводот на „Пиреј“ на англиски јазик, се најде во панел со две други презентерки на француски јазик, па целата дискусија некако спонтано продолжи на француски. Е, убаво ми викаше Светле, мојата учителка по француски, да не се откажувам.

Е, ова лето навистина ми тргна со литературата. На 15 септември, на Универзитетот во Виена беше организирана Првата меѓународна конференција за преведувачите во литературата и филмот. Претпоставувам дека повеќето веќе го гледале The Interpreter и Lost in Translation, но дали сте ги погледнале: Spanglish, The Teahouse of the August Moon, Sharades, The Girl of My Dreams, Gaudi Afternoon, Everything is Illuminated, Midnight in Paris, листата е долга. Иако е ова академската конференција на која имам изгледано  најмногу клипови од филмови, беше интересно да се слушне како се претставени преведувачите и толкувачите како ликови во романи, раскази и филмови. Мојата презентација беше фокусирана на улогата на толкувачите во војна преку книгата „Девојката од Бондстил“ од Тања Јанковиќ. 

7/25/2011

4та ИАТИС конференција


Меѓународната асоцијација за превод и меѓукултурни студии со задоволство ја објазува својата четврта конференција која ќе се одвива од 24 до 27 јули 2012 година на Универзитетот Квинс во Белфаст, Северна Ирска.
Темата на конференцијата, преводот и политиките на препознавање, опфаќа широк опсег на теми во рамките на преведувачките, толкувачките и меѓукултурните студии. Заинтересираните учесници можат да испратат апстракт до 19 септември 2011 година.
На конференцијата како гости предавачи ќе можете да ги слушнете Радва Ашор, Киран Карсон, Хилари Футит и Моира Инхилери.
Се гледаме таму!

11/01/2009

Конференции

23-24 август 2010, „Поетиката на преведувањето сликовници“, 39 Меѓународна средба на книжевни преведувачи, Лешок, Македонија

9-11 април 2010, „Да учиш да зборуваш е да учиш да преведуваш“, Конференција за англиски како втор јазик, Универзитет на југоисточна Европа, Тетово

22-23 февруари 2010, „Преводот на малите јазици на глобалниот пазар“, Меѓународен симпозиум за превод и меѓукултурна медијација УНЕСКО, Париз, Франција - на покана

1 декември 2009, „Преводот на културите за деца“ 5ти меѓународен интердисциплинарен симпозиум „Средба на културите“, Филозофски факултет, Универзитет Нови Сад, Србија

24-25 август 2009, „Преведувачите како ко-автори на светската литература за деца“ 38 Меѓународна средба на книжевни преведувачи, Лешок, МАкедонија

8-12 август 2009, „Учејќи за Другиот преку преведената литература за деца“ 19 Биенален конгрес на Меѓународното друштво за истражување на литературата за деца, Франкфурт, Германија

8-10 јули 2009, „Преводот на македонски на глобалниот пазар“ 3 Конференција на Меѓународната организација за превод и интеркултурни студии, Монаш Универзитет, Мелбурн, Австралија

7-10 септември 2008, „Етничка интеграција во литературата за деца во Македонија“, Конгрес на Меѓународниот одбор за книги за млади, Копенхаген

30-31 мај 2008, „Глобализацијата и малите култури: македонскиот јазик во Европа“, Трета меѓународна конференција за ЕУ интеграции, Универзитет Американски Колеџ, Скопје

август 2007, „Превод на литература за деца - меѓукултурна комуникација“, 36 Меѓународна средба на книжевни преведувачи, Лешок

мај 2002, „Локално акционо планирање во Македонија: ромската заедница Баир“, УНДП Регионална конференција за промовирање на ефективно учество на граѓанското општество во локалната самоуправа и во намалувањето на сиромаштијата во Европа и ЗНД, Валона, Албанија