„Атлас“ е литературно
дело составено од педесет и еден краток расказ, поделени во четири дела:
„Теорија“, „Град“, „Улици“ и „Знаци“. Временската рамка во „Град“ и „Улици“ е
дваесет и првиот век кога градот Викторија (денешен Хонг Конг) веќе не постои,
а нараторот може да открие само од
картите и атласите на градот ицртани во различни периоди во минатото, како
изгледал и какви промени претрпел за
време на 156-те години како британска колонија, од 1841 до 1997 година.
Навидум за историската
еволуција и неочекуваните промени на различните улици и области во Хонг Конг,
овие делови се сепак обвиени со духот на креативното, на места дури и
фантастичното. Ваквиот третман на историјата повлекува провокативни прашања,
како: Колку е „вистинита“ историјата? Колку пишувањето на историјата е акт на
креативно толкување и на намерна интервенција? Мешањето на фактите со фикцијата
во овие раскази особено делотворно ja
нагласува драмата за тоа како различните култури, различните идеологии и
различните луѓе бараат, отворено или затскриено, да се читаат и да се објаснуваат едни со други, да се
припитомуваат и да се ограничат едни со други.
Оригиналниот текст на
кинески е објавен во книгата Atlas: Archeology of an
Imaginary City, Taipei: Lian He Wenxue Chubanshe, 1997.
Расказот претставен
тука , преведен на англиски од самиот автор, е објавен во книгата Hong Kong Collage: Contemporary Stories and Writings, edited by
Martha P. Y. Cheung, Hong Kong: Oxford University Press, 1998
Дунг Каи Чонг е роден во
Хонг Конг во 1967 година. Дипломирал и магистрирал Компаративна книжевност на
Универзитетот Хонг Конг. Од 1992 година неговите дела се објавуваат во
списанија како што се Синг Тао дејли, Су Је литриџр, Хонг Конг литриџр мантли.
Има добиено неколку престижни книжевни награди во Тајван, вклучувајќи ги
Наградата Јунитас за нови автори во 1994 година и Наградата за книжевност на
Јунајтед дејли њуз во 1995 година. Познат е по својот експериментален стил во
наративната форма и играта со жанровите. Во 2007/2008 ја добива наградата за
најдобар уметник во областа на литератрата од Советот за развој на уметноста во
Хонг Конг.
Негови клучни дела се:
„Андрогин“ (роман, 1996), „Двојно тело“ (роман, 1997), „Розата на името“
(раскази, 1997), „Атлас: археологија на еден измислен град (раскази, 1997),
„Видливи градови“ (роман, 1998), „Каталог“ (1999), „Куса историја за сребрената
рипка“ (2002). Негово најново дело е трилогијата за Хонг Конг од која досега се објавени наградениот роман
„Дела и креации“ (2006) и „Истории на времето“ (2007). Пишува и книжевна
критика. Дунг предава креативно
пишување и литература на Кинескиот универзитет во Хонг Конг.
![]() |
Зоран Попоски, Атлас 4, ц-принт, 2012 |
Улицата „Олдриџ“
Улицата „Олдриџ“ е
сместена во Шо Кеи Ван во северо-источниот дел на островот Хонг Конг. Името го
добила бидејќи постоел залив наречен Олдриџ, а едниот крај на улицата
излегувала на брегот. На брдото, на другиот крај на улицата, некогаш имало село
Олдриџ. Името Олдриџ во преводот на кантонски на бил Ои Дит Ѕуи, што значи „сака
ред“.
Заливот Олдриџ (Ои Дит Ѕуи
Ван) е именуван според мајорот Олдриџ. По потпишувањето на Спогодбата од
Нанкинг во 1842 година, мајорот Олдриџ бил испратен во Хонг Конг од
британската војска да го предводи планот за стационирање на трупите во
новостекнатата колонија. Тој предложил грандиозен план кој опфаќал голем воен
камп поставен во прекрасна симетрија како и одлична одбрамбена шема. Локацијата
која тој ја одбрал за кампот ја опфаќала областа на која подоцна ќе бидат
поставени касарната Адмиралитет, Централ, Владиното брдо и Ботаничките градини.
Олдриџ со радост си замислил дека оваа непобедлива џиновска тврдина ќе биде
центарот и симболот на островот Хонг Конг во иднина. Но гувернерот во тоа
време, сер Хенри Потинџер, цврсто му се спротивставил на планот на Олдриџ и
инсистирал да го задржи Централ за комерцијални цели. На крајот, сонот на
Олдриџ за воен град останал неисполнет.
Главниот придонес на мајорот Олдриџ за Хонг
Конг наместо тоа бил зацврстување на воената дисциплина.
Бидејќи многу британски војници не биле навикнати на климата или се заразиле со
болести, моралот на војската бил низок. Ситуацијата била влошена и заради слабата
дисциплина на војниците, кои краделе, пиеле алкохол и правеле забави по цел
ден. Мајорот Олдриџ ги казнил војници кои не се придржувале до правилата со тоа
што ги пратил во далечниот А Кунг Нгам (Карпата на дедо), каде подоцна била
лоцирана дивизијата Леи Јуе Мун. Тој вовел и нови правила на однесување и
построги казни за да ги заузда војниците. Веројатно за да му се оддаде почит на
мајорот Олдриџ за неговиот придонес владата заливот во Шау Кеи Ван го нарекла
според него. Името Олдриџ веќе се појавува во раната топографска карта на Хонг
Конг која ја направил поручникот Колинсон во 1845 година. Затоа, било
најсоодветно името на мајорот да се преведе со Ои Дит Ѕуи (сака ред).
Мајорот Олдриџ бил човек
со силна самодисциплина, се’ до најмалиот детаљ во секојдневниот живот. На
пример, дури и кога бил на бојно поле, го следел обичајот да се напие чај во
четири часот попладне. Мајорот исто така зборувал на многу дисциплиниран и
добро структуиран начин и никогаш не дозволувал да го прекинуваат. На некој
начин, мајорот Олдриџ може да се смета за противник на војната, бидејќи длабоко
во себе не сакал хаос и не можел да гледа мртви тела расфрлани по бојното поле
во неред. Никој не знае кога и како се случи апотеозата на мајор Олдриџ. Можеби
бидејќи локалните селани многу страдале од кражбите на пиратите, а заложбите на
мајорот за силна тврдина ја заштитиле областа, па така некои селани го
прогласиле за бог на мирот. Како што се пренесувала легендата од една генерација
на друга, човекот Олдриџ станал обвиен во мистерија. Подоцна Ои Дит Ѕуи Миу (храмот Олдриџ) бил
подигнат покрај брегот, и во него била поставена статуа на Ои Дит Ѕуи Кунг (господар или дедо Олдриџ) кој изгледал возвишено
како и почитуваниот Кван Даи (Генерал Кван), познат воин од дамнина. Набргу
потоа хармот Ио Дит Ѕуи станал исто толку популарен како и храмот Там Кунг во блискиот
А Кунг Нгам. Записите велат дека за време на немирите предизвикани од покачувањето
на цената за фери-бродот во 1966 година, духот на Ои Дит Ѕуи Кунг се појавил неколкупати, наредувајќи им на луѓето да
ја почитуваат Хонгконгшката кралска полиција.
Во каталогот на улици на
Хонг Конг од 1997 година, заливот Олдриџ исчезнал поради заземањето на водната
површина. Храмот Ои Дит Ѕуи и селото Олдриџ исто така веќе не постојат.
Превод на македонски јазик: Марија Тодорова, со согласност од авторот.
Превод на македонски јазик: Марија Тодорова, со согласност од авторот.
No comments:
Post a Comment