9/30/2015

Меѓународен ден на преведувачите

Со мало задоцнување, но сепак на Меѓународниот ден на преведувачите, преводот на пораката на Меѓународната федерација на преведувачите:

Постојано менливата професија превод и толкување

Од пенкало, преку машини за пишување, до софтвер за препознавање на говор. Од картички за каталогизирање до електронски речници и “автопат на знаењето”. Од Нинбершките судења до толкување преку телефон и видео.

Како што се менува светот, така се менуваат и повеќето аспекти во работата на преведувачите и толкувачите. Денешните студентите не можат да веруваат какви им биле условите за работа на нивните претходници пред само 30 години. Денес толку многу информации ни се на дофат. Имаме мноштво алатки кои ни овозможуваат да преведуваме побргу и поконзистентно. Можеме да се консултираме со колеги од целиот свет без да станеме од работната маса. Преведувањето е променето и за клиентите. Тие не мораат повеќе да се мачат да најдат локални преведувачи кои ќе одговорат на потребите – професионалните организации имаат регистри на членови кои стојат на располагање. Можат да го испратат текстот вечерта, пред да заминат од канцеларија, а да го имаат преводот готов утрото кога ќе се вратат на работа, благодарејќи на комуникацијата низ различни временски зони. Можат да балансираат со трошоците и целната популација во различни проекти користејќи преведувачи од различни краеви на планетава. Можат да ги консултираат сопствените клиенти на другиот крај на светот или докторот во друга земја благодарение на достапноста на професионални телефонски толкувачи. Можат да поминат текст  низ програма за машинско преведување и веднаш да добијат идеја за што се работи.
Сето ова е содржано во темата на Меѓународниот ден на преведувачите 2015, која гласи:
Постојано менливата професија на преведување и толкување
Промените носат и нови предизвици и нови можности. Брзината, цената и обемноста се најчесто споменувани. Но, се работи за многу повеќе. За луѓето кои работат ова значи поумешно работење и отвореност за промени, прилагодување на новите променети улоги, учење на нови вештини и користење на нови алатки.
Но основните работи не се менуваат:

  • улогата на преведувачите и толкувачите денес е иста како и онаа пред илјада години: да им овозможат на луѓето да комуницираат,
  • Квалитетот останува стандард во сите задачи и зависи од вештината и искуството на преведувачот или толкувачот и изборот на вистинскиот човек.
  • Преведувачите мораат да направат текстот да соодветвува на целта.
  • Клиентите треба соодветно да им ги објаснат своите потреби на преведувачите и толкувачите.
  • Преведувачите треба да бидат во тек со случувањата и постојано да се дообразуваат.
Какви ќе бидат преведувањето и толкувањето во иднина? Изминатиот милениум, луѓето кои преведуваат и толкуваат беа отелотворение на неспоредливи јазични вештини, специјализирана обука, професионално однесување и страст за работата. Најдобрата опрема може да им помогне да работат уште подобро, но не може да допре до срцето и душата на текстот или ср’жта на преговорите. На Меѓународниот ден на преведувачите 2015, затоа, да ги прославиме големите достигнувања направени во областа на преводот и толкувањето, но пред се‘ да ги прославиме луѓето кои се во центарот на професијата и кои овозможуваат светот да биде глобално село, но истовремено и универзум полн со можности во минатото, сега и во иднина.

Текст на англиски: Марион Боерс
Превод на македонски: Марија Тодорова

No comments:

Post a Comment