3/25/2015

Доктор на науки по мир и развој

На 24 март во 12 часот успешно заврши еден голем и значаен проект во мојот живот - се стекнав со титула Доктор на науки по мир и развој. Темата која ја одбранив е "Улогата на преведувачот во процесот на медијација на конфликти". Атмосферата беше многу убава. Огромна благодарност до членовите на комисијата проф. д-р Лидија Георгиева, проф. д-р Билјана Ванковска, проф. д-р Марина Митревска, проф. д-р Соња Витанова Стрезова и мојата најдрага менторка проф. д-р Антоанела Петковска.

БЛАГОДАРНОСТ

Првичната инспирација да го спроведам ова истражување произлезе од работата на проф. Мона Бејкер од Универзитетот во Манчестер. Кога првпат се запознав со нејзината работа, таа ме воодушеви и ми помогна да артикулирам некои од прашањата и дилемите со кои се соочував за време на мојата работа како преведувач во конфликт. Подоцна, откако ја запознав лично и со неа ги споделив моите намери за ова истражување, проф. Бејкер покажа огромна поддршка. Таа беше и сè уште е непроценлив извор на информации и мотивација.

Сепак, ова истражувањето никогаш немаше да се реализира без постојаната и несебична поддршка и советите од мојата менторка, проф. Антоанела Петковска, на која ѝ благодарам од сè срце.

Благодарност и до останатите колеги од Институтот за безбедност, одбрана и мировни студии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. Лидија Георгиева и проф. Марина Митревска, кои ми дадоа конструктивни сугестии и насоки за обликување на истражувањето од самиот почеток.

Исто така би сакала да ѝ се заблагодарам на проф. Снежана Петрова, од Катедрата за преведување и толкување при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за укажаната несебична поддршка и објаснувања во врска со функционирањето на катедрата.

Посебна благодарност до д-р Ребека Типтон на Универзитетот во Манчестер, која ми даде корисни совети и сугестии за подобрување и појаснување на некои од прашањата во анкетниот прашалник. И на колешката, Злата Брајовиќ, која исто така, го разгледа и разговараше за прашалникот со мене, и помогна во дистрибуција на истражувањето. На косовската страна,
многу сум благодарна на мојот колега, Шпенд Ќамили за дистрибуцијата на прашалникот меѓу косовските толкувачи.

Дел од истражувањето беше претставено на Меѓународна конференција “Јазици во војна” на Кралскиот воен музеј во Лондон во април 2011 година, и би сакала да им се заблагодарам на сите учесници на оваа конференција кои дадоа коментари и сугестии, особено д-р Катерина Бејкер. Друг дел од истражувањето беше презентиран на Меѓународната конференција на Универзитетот во Виена, во септември 2011 година, а подоцна вклучен во книгата со наслов „Трансфикција“ (2014). За овој дел од истражувањето би сакала да им се заблагодарам на уредниците на книгата, проф. Клаус Киндал и д-р Карлхаjнц Спицл.

Би сакал да ја изразам мојата благодарност до сите учесници во електронското истражување и личните интервјуа. Без нивната подготвеност да посветат дел од своето време и да ги споделат со мене своите мислења, ова истражување никогаш не ќе беше возможно.

Посебна благодарност до проф. Ветон Љатифи од Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, кој ми даде дозвола да искористам некои од фотографиите од неговата книга “Преговори за Охридскиот договор” (2008).

Би сакал да му се заблагодарам на целото мое семејство, особено мојот сопруг Зоран Попоски, кој е мојот најголем поддржувач и кој ме охрабруваше во текот на секој чекор од ова истражување.

И на крајот, им должам благодарност на сите мои колеги, професионални и самоуки преведувачи, кои работеа со мене за време на косовската криза во Македонија и во Косово. Делевме заедно многу среќни и тажни моменти; си бевме инспирација едни на други и поддршка за време на тешките периоди. Некои животот ги одведе на различни страни; некои од нив останаа пријатели за цел живот. Ним им го посветувам ова истражување

No comments:

Post a Comment